Фетаи бара да се забрза судењето за „Монструм“

Oбвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи на денешното судење за петкратното убиство кај Смилковски езеро, за јко беа сослушани 4 сведоци, побара забрзување на постапката.



Фетаи смета дека би можело да се сослушаат и до 15 сведоци и да се обезбеди поефикасно и навремено завршување на постапката за „Монструм“.

На почетокот на 2018 година, судијата Огнен Ставрев им вети на вознемирените и расплакани родители на убиените 4 деца и рибарот: „Јас можам да ви ветам дека ќе дадам се од себе овој судски процес, со кој треба да дојдеме до вистината што се случи на 12 април 2012 година и кои се виновниците, да се заврши до Нова Година“.

СЈО реагираше  и на фактот што адвокатите на обвинетите наместо да повикаат сведоци кои биле сослушани во првата постапка, повикале и нови сведоци за кои е потребно претходно да се произнесат и СЈО и судот.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.