На првиот работен ден од претседателскиот мандат, Стево Пендаровски во Вилата Водно ќе има средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самоел Жбогар.
На вчерашната инаугурација во Собранието на Република Северна Македонија, Пендаровски рече дека ќе биде претседател на сите граѓани:
„Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата“, рече претседателот Пендаровски на инаугурацијата, додавајќи дека време е да почне граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом.
На свечената седница во Собранието присуствуваа претседателите на Србија, Бугарија, Албанија и Косово, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, високи делегации на Турција, Полска и Словенија, пратеници, владини функционери и дипломатски претставници.
Видео -честитка по повод инаугурацијата на Пендаровски упати и премиерот Зоран Заев, а на свеченоста беше приметливо отсуството на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и противкандидатката во изборната кампања Гордана Силјановска Давкова.





