Неоправданото отсуство на „оправдано“ отсутните

„Да се надеваме дека оваа грда слика што ја приредија неоправдано отсутните личности на инаугурацијата на претседателот на државата ќе биде добар повод државниот протокол да биде прецизен, а во јавноста неговото кршење да означува голем непростлив срам“, пишува новинарот Ерол Ризаов, во денешната колумна во „Независен“



„.Јавноста во Македонија треба да ја знае вистината зошто премиерот Зоран Заев, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски и кандидатот за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова не беа присутни на инаугурацијата на првиот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Владата соопшти дека Заев зел четири слободни дена. Дали Мицкоски и Силјановска не добиле навистина покани да бидат присутни на свечениот чин не се обични и банални протоколарни прашања за забавните рубрики на медиумите и социјалните мрежи, кој беше присутен, а кој беше отсутен, кој како е облечен и исчешлан. Неоправданото и намерно отсуство, или спреченото присуство, сеедно, на спомнатите личности на положување заклетва на претседател на државата во Собранието мириса на срамен примитивизам и во секој случај не е добро за угледот на државата. Гостите од странство, високи државни функционери и дипломатскиот кор, присутните пратеници, го проследија свечениот чин на начин кој јасно укажува на значењето на настанот.

Отсуството на некои од домаќините ја покажува незрелоста и темната страна на македонските состојби“, пишува Ризаов.