Македонија е неизбежна тема за партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ), основана од бившиот бугарски претседател Георги Прванов, па не беше заобиколена ни на промоцијата во Варна, каде што беше обвинета за територијални претензии кон Бугарија!
„Ние во Европарламент ќе кажеме ‘стоп’. Бидејќи тие излегуваат и велат: ‘Гоце Делчев е наш, Јане Сандански е наш’ Тоа е територијална претензија кон Бугарија“, изјави лидерот Румен Петков на средбата со граѓаните во рамките на кампањата за претстојните избори за Европски парламент.
Тој ѝ сугерира на Владата на Бојко Борисов да се постави кон западниот сосед како Грција, истакнувајќи го грчкото барање земјата за една година да ги промени сите учебници и да ги усогласи со грчката влада.
Според него, на Македонија не треба да ѝ биде дозволен влез во Европска унија „со нејзините претензии за извртување на историјата“, а од Борисов и од претседателот Румен Радев побара да продолжат преговорите со соседот „за гарантирање на историската вистина таква каква што е“.





