После толку години зборување за Законот за употреба на знамиња, треба да го научиме, му го порача премиерот Зоран Заев на Бујар Османи кој тврди дека албанското знаме може да се постави насекаде низ земјата.



„Законите во нашата земја се јасни и прецизни и тие треба да се почитуваат, се знае кога се користи знаме на етничка заедница и во какви околности и со кои димензии, една третина наспроти две третини си има обележје како тоа се користи. Постојат закони, после толку години зборување за знамето, се научивме и треба да се научиме“, рече премиерот Заев.

Овој коментар на Заев следува откако вицепремиерот Османи рече дека граѓаните имаат право да го постават албанското знаме каде сакаат и никој нема да биде казнет, иако пред неколку дена во Охрид се случи спротивното.

Во Охрид, пред три дена, фолклорна група го распосла албанското знаме на Самоиловата тврдина. Иако беа приведени две лица, судија на претходна постапка го казни со 1.100 евра и забрана за влез во државата само 50 – годишниот Ѓерг Прекоцај, бидејќи го нарушил јавниот ред и мир.

Владиниот портпарол Бошњаковски денеска рече дека влдата нема да ја коментира судската пресуда.