Ќе има напади врз Заев ако нема датум

Недоделувањето датум за преговори со ЕУ на Македонија оваа година може да има драматични последици за целиот регион, изјави еврокомесарот Јоханес Хан.



Оваа порака е упатена главно до Франција, која сѐ уште со резерва гледа на оваа опција во јуни.

Дел од експертската јавност, која одржа панел дискусија за Преспанскиот договор во Брисел, е согласна дека ова сценарио носи ризици, пред сѐ, на внатрешен план за земјата.

– Мислам дека ќе има ризик за земјата, бидејќи целата репутација на Заев е поврзана, од почетокот на кризата, со ЕУ и перспективата за преговори и доколку се одлучи да нема датум, ќе има ефект врз внатрешната политика и ќе има напади врз Заев, повици за нови избори, итн. – коментира за МИА историчарот Димитар Бечев.

Иако, незадоволството на јавноста е вообичаена појава по две години власт, за грчкиот професор Јанис Армаколас, постои опасност дека повторно одлагање на одлуката во јуни или подоцна ќе ги засили националистичките струи.

– Многу од жртвите што ги направи Владата на Заев се разбира беа направени за да започнат преговорите со ЕУ, и ако ова не се случи, тогаш повторно ќе и се даде аргумент за опозицијата – “ви рековме дека за џабе го дадовме името“, тоа ќе ја ослаби Владата на Заев и се надевам дека имаат план за тоа како ќе ги менаџираат очекувањата после јуни – вели Армаколас, кој смета дека е многу важно да се добие зелено светло во текот на оваа година.

За Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика, ЕПИ, ЕУ треба да биде свесна дека освен ризиците за Македонија, таа и сопствениот кредибилитет го става во опасност со евентуално недоделување на преговори. Според Кацарска, дури и одлуката да се донесе малку подоцна од јуни, до октомври, Македонија може да го фати зацртаниот рок на отворање на првото поглавје до крајот на годината.