Во сите храмови на Македонската православна црква, синоќа на полноќ беше објавено Воскресениоето на Исус Христос, а православните верници денеска го слават најголемиот празник – Велигден.



Оваа традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе!

На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во воскресението.