Москва треба да размисли стратешки околу идната економска соработка со Скопје, каде што и двата кандидати што се пласираа во вториот круг на претседателските избори го поддржуваат влезот на земјата во НАТО и во ЕУ, предупреди експертот Владимир Оленченко.
„Руското раководство и бизнисот треба стратешки да го разгледаат прашањето како понатаму да ги развиваат своите односи со Северна Македонија. Ова прашање има економски аспект, покрај политичката димензија. Зголемувањето на трговијата и на инвестициите треба да биде од корист за сите страни. Во овој случај, бенефитот може да заврши кај НАТО, со оглед на тоа дека членките на Алијансата се обврзани да придонесуваат со два процента од својот БДП во буџетот на НАТО. Сакаме ли ние да станеме донатори на НАТО е прашањето што треба да се има на ум кога ќе се разгледуваат некои аспекти на билатералните односи“, изјави за новинската агенција ТАСС вишиот научен соработник во Национален истражувачки институт за светска економија и меѓународни односи „Примаков“ при Руска академија на науките.





