„Мојот впечаток е дека ако не целосен, имавме полу бојкот во овој изборен круг. Мислам дека овој бојкот дојде од албанските партии на власт, да не речам од најголемата, но можеби и од сите владејачки албански партии“, оцени новинарот Исен Салиу во вечерашната емисија „Клик плус“’ на ТВ 21.
Салиу смета дека „партиски структури на денот на изборите проценија дека би било подобро ако албанската популација не излезе да гласа на изборите“.
Неговиот колега и соговорник во емисијата Блерим Хисени вели дека не секогаш вината треба да се бара кај Албанците.
„Не треба секогаш вината да се бара кај Албанците. Доколку Албанците и нивните гласови се толку важен фактор во изборот на претседателите, тогаш нека се земат предвид барањата и идеите на албанските политички субјекти – да излезат и да не троши оваа држава, бидејќи и така нема доволно пари, и претседателот да се избере во Собрание“ рече Хисени.
Салиу и Хисени се согласија дека доколку во вториот круг не се постигне цензус, тогаш согласно Уставот, функцијата Претседател на државата ќе му припадне на собранискиот спикер Талат Џафери.





