Бугарија преплавена со македонско јагнешко месо – од Грција

Една недела пред православниот Велигден бугарските производители предупредуваат дека пазарот е преплавен од македонско јагнешко месо преку големите синџири на продавници.



По препорака на одгледувачите на овци и на кози, Агенцијата за храна во пресрет на велигденските празници донесе регулатива според која бугарското месо е обележано со син печат, а увозното со црвен. Но, одгледувачите се жалат дека на македонското јагнешко печатот е нејасен.

„Има нешто налик на печат. Тоа месо е наменето за Грција. Во еден момент грчките трговци го враќаат тоа месо и каде да го продадеме – во Бугарија. Тие јадат сè“, изјави за бугарската телевизија Нова копретседателот на Националната асоцијација на одгледувачи на овци и на кози, Симеон Караколев.

„Таму каде што ќе утврдиме нечитлив печат, го забрануваме. Нашите информации во оваа фаза се дека тоа дошло во трговските синџири од регистрирани магацини во Бугарија. Ова месо влегло и било проверено од грчките ветеринарни власти“,објасни д-р Станимир Спасов, директор на Регионална дирекција за безбедност на храната од Големо Трново.

Главниот проблем на бугарските одгледувачи на овци, во суштина, е цената на јагнешкото од Македонија, кое е поевтино од домашното за 20 проценти.