Сопственикот на ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар, објави соопштение за јавноста, во кое посочи дека од наредната сезона нема да биде во можност да го финансира Ракометниот клуб Вардар и побара помош од бизнсмените во нашата земја, да го сочуваат клубот онаков каков што е.
„Изминува веќе седмата година од моето раководење и финансирање на ракометот во државата, започнувајќи од ЖРК Вардар во 2012 година и веќе во 2013 година, приклучувајќи го и РК Вардар.
Од седумте години поминати во ракометот за жал изминува веќе третата година како јас лично се борам од ден за ден за издржување на клубот, со постојано задолжување и земање на кредити. Покрај оваа борба која ја водам секој ден зад мене има повеќе од 5.000 вработени во моите компании кои ги издржувам со нивните семејства и кои не сакам да ги загрозувам, а веќе тоа се одразува со моето постојано задолжување за спортот.
Приходот кој ракометниот клуб го има од страна на Европската ракометна федерација и од спонзори изминативе години не е ни 10% од буџетот кој јас го давам годишно. Добив премногу ветувања дека за кратко ќе добијам помош за ракометот, но еве веќе како што напоменав измина и седмата година и таа помош ја нема.
Ова е причината поради која јас од следната сезона не сум во можност да продолжам со финансирањето на ракометниот клуб Вардар. Во изминатите години РК Вардар како симбол на државата доминира во спортот. Вардар е, и ќе биде национална гордост за секој граѓанин. Вардар стана европски првак во машка конкуренција во Лигата на шампионите во 2017 година и на нашата земја ѝ го донесе европското злато.
„Црвено-црните” како што не нарекуваат ја освоија европската круна во Келн, и никогаш нема да заборавам ниту јас ниту сите граѓани како во Скопје не пречекаа илјадници луѓе и се поклонија за успехот на ракометарите.
Да не заборавиме дека шест сезони во ЖРК Вардар донесоа: шест првенствени титули, пет Купови на Македонија, пет учества во Лигата на шампиони од кои трипати европска бронза и двапати го освоивме второто место. Шест сезони во РК Вардар донесоа: четири првенствени титули, пет Купови на Македонија, два Суперкупа на Македонија, четири регионални СЕХА титули, едно загубено полуфинале во Лигата на шампионите и титулата со непроценливо значење, освојувачи на Лигата на шампионите во 2017 година.
Заради сето ова погоре со ова мое искрено писмо отворено ги повикувам сите македонски бизнисмени да дојдат и да се приклучат кон финансирањето на ракометниот клуб. Вардар е една голема радост на нашата земја! Се надевам дека ова ќе допре до вашите срца и заедно ќе ја сочуваме нашата гордост“, се вели во соопштението.





