Руското МНР предупредува дека се интензивирале напорите да се интегрираат областите населени со Албанци на Балканот, пренесе Б92, а со тоа се се комплицирал дијалогот меѓу Белград и Приштина и се поткопувала атмосферата на доверба низ регионот.



Во соопштение од Москва оцениуваат дека „западните покровители на Тирана продолжуваат да се претвараат дека не ги забележуваат активните „големоалбански“ аспирации“.

Руското министерство, наведува дека не може да се игнорираат „низата чекори кои ги презема актуелното албанско раководство, во врска со консолидацијата на „албанскиот фактор“ во рамки на регионалната политика на Тирана“.

Во тој контекст, се потсетува дека премиерот на Албанија Еди Рама „отворено кажа дека Косово за него е дел од Албанија“ и дека „обединувањето на Албанија и Косово не е план Б, туку план А“.

„Реализацијата на тој план, албанскиот премиер ја поврза со внатрешнополитичката и надворешнополитичката дебата околу можната корекција на границите на покраината, односно во рамки на дијалогот со посредство на ЕУ со цел постигнување соодветно решение меѓу Белград и Приштина“, се наведува во соопштението.

Се чини, оценува руското министерство, дека во Тирана мислат дека постигнувањето таков договор меѓу Белград и Приштина претставува претпоставка за понатамошно спроведување на „озлогласениот план А“.