Лидерите на Алијанса на Албанците и на движењето „Беса“ вечерва од митинг во тетовско Желино, ја критикуваа изборот на коалицијата СДСМ и ДУИ и поддршката на нивниот консензуален претседателски кандидат.
Според Зијадин Села, Албанците во оваа коалиција не се добро претставени.
„Имаме должност да ја тргнеме вашата маска и тоа што 18 години манипулирате со Албанците. Ние некогаш нема да поддржиме некој кој не е како нас и не е Албанец“, рече Села.
Претседателот на БЕСА, Билал Касами, рече дека ДУИ не требало да направи ваков консензус зашто „кога правиш нешто, прво зборуваш со браќата, а не со соседите“.
„Пендаровски знае дека нема да го има чистиот глас на Албанците.
ДУИ во 2014 година не го поддржа зашто беше опозиција, а сега му дава поддршка зашто е дел од власта“, потсети Касами.
Села и Касами зборуваа на митингот на претседателскиот кандидат Блерим Река кој порача дека на 21 април ќе се случи голема промена со политичкото минато и дека неговиот нов концепт ќе ги корегира досегашните политики на власта.





