По вчерашното апсење на Џулијан Асанж, хакери од групата „Анонимуси“ се закануваат со одмазда на британскиот естаблишмент, доколку тој не биде ослободен.
„Ослободете го Асанж или ќе платите“, објави порталот „AnoNews“.
Во соопштението, чии делови пренесува „Спутник“, се вели дека основачот на Викиликс, Асанж, од 2010. секоја година беше номиниран за Нобелова награда за мир, а сите светски медиуми пишуваа за неговиот случај.
„Го сака целиот свет, особено оние кои се доволно паметни за да гледаат надвор од пропагандата која ја оправдува надворешната политика на САД и нивните сојузници“, се вели во соопштението.
Во 2010 година основачот на „Викиликс“ беше обвинет за сексуални престапи во Шведска, кои ги негираше. Шведскиот суд издаде меѓународна потерница за него, по што Асанж беше уапсен во Лондон, но наскоро беше ослободен со кауција.
Случајот против него во Шведска беше затворен во 2017 година, но по веста за апсењето на Асанж, шведското обвинителство објави дека ја разгледува можноста за обновување на истрагата.
Асанж и неговите поддржувачи стравуваа дека Шведска ќе го депортира во САД, каде што може да биде осуден на 35 години затвор или на смртна казна за објавување доверливи документи на американскиот Стејт департмент.
Владата на Еквадор, во чија амбасада во Лондон тој помина шест години, го укина „азилот“ за Асанж, откако од британските власти добила уверување дека тој нема да биде испорачан во земја во која постои смртна казна.




