Пријателката на Македонија, Маријана Петир, за само два дена собра 11.361 потпис, над двојно повеќе од потребните 5.000, со што и официјално ќе учествува на изборите за Европски парламент на 26 мај.
Основачката и прва шефица на Група пријатели на Македонија во ЕП се кандидира на истекот од рокот, откако ја одби понудата од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ да биде кандидат за европратеник од ХДЗ, бидејќи не сакаше да се зачлени во владеачката партија.
„Цврсто ја поддржуваме и ѝ посакуваме многу среќа на Петир. Маријана Петир е, де факто, претставничка на Република Македонија во Европски парламент. Маријана се бори и го брани нашето име и нашите права повеќе од кој било македонски политичар!“, соопшти македонското студентско движење „Млади за Македонија“, кое пред неколку дена упати повик до Македонците во Хрватска со својот потпис да ја поддржат кандидатурата на Петир за нов европратенички мандат.
„Такви личности ни требаат! Нејзиниот успех е и наш успех!“, додаваат од движењето.





