Со победата над домаќинот Мешков Брест од 25:23, бранителот на титулата Вардар се избори за своето седмо финале во СЕХА-лига, во кое четирикратниот освојувач за противник ќе го има ППД Загреб.



Триумфот над белорускиот шампион го најави крајот на првото полувреме, кое вардарци го добија со 14:10, а тимот на Роберто Парондо го надмина и пресвртот во средината на второто, кога Мешков поведе со 19:18 и во последните 10 минути влезе со 21:20. Но, следуваа три гола без одговор на македонскиот првак, кои се покажаа решавачки за конечниот резултат.

Стојанче Стоилов беше беспрекорен во нападот со максимален ефект од седум обиди, а го следеше Даинис Криштопанс со 5/9. На голот феноменален Дејан Милосавлев со 15 одбрани или 39 проценти од упатените удари.

Во хрватската пресметка загрепчани го совладаа дебитантот на завршните турнири Нексе со 28:23, па во утрешното финале со нив „црвено-црните“ ќе атакуваат на шампионски хет-трик во регионалното натпреварување.