Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ја прозва министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, која преку „Фејсбук“ ги повика децата на возраст од 7 до 14 години да се вклучат во конкурсот за есеј на тема „Нато и јас“.
„Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ги повикува учениците да се вклучат во пишувањето на есеи преку својот фејсбук-профил притоа не потенцирајќи дали да пишуваат за последиците или за причините за формирање, за позитивните ефекти или негативните или, пак, за статистиките на загинати деца во конфликтите во кои учествувала алијансата?
Можеби се работи за тема која ќе ја разбуди емпатијата кај средношколците и би пишувале за децата чии родители загинале во воените конфликти и животот по загубата на родител, или, пак, за животот на родители по загубата на дете во еден таков воен конфликт од кој НАТО било дел.
Првата детска амбасада во светот ‘Меѓаши’ ги повикува и поттикнува учениците кои решиле да конкурираат на овој конкурс добро да се запознаат со НАТО-алијансaта, со сите негативни импликации, да ги согледаат поготово последиците и да се обидат да ги почуствуваат болката и тагата од војната и да ги пресликаат тие чувства на есеите со кои ќе аплицираат. Бидејќи ние сме луѓе, а луѓето треба меѓусебно да се почитуваат, сакаат и разбираат“, порачуваат од првата детска амбасада.
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ цврсто верува и се залага за промоција на мирот и ненасилната трансформација на конфликти, воедно верувајќи дека свет без алијанси кои промовираат моќ, демонстрираат сила и сеат страв, би бил подостоен за живеење, велат од Меѓаши.
Од „Меѓаши“ се загрижени, затоа што темата не соодветствува на возраста на децата и сметаат дека на овој начин се врши манипулација и индоктринација на деца од основните и средни училишта во државата.
„Меѓаши“ потсети дека и порано укажувала на политичка, партиска и воена злоупотреба на децата за агитирање и кампања за влез на Македонија во НАТО.
Извор: Макфакс





