Трајчевски: Има веројатност вториот круг на изборите да биде неуспешен

Директорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во интервју за бугарското радио Фокус предупреди за веројатноста од неуспешност на вториот круг од претседателските избори поради ниска излезеност на гласачите.



„Невозможно е да се очекува победник во првиот круг. Има уште еден сериозен предизвик – можно е во вториот круг да нема доволен број гласови. Од 1,82 милиони гласачи, во вториот круг треба да излезат најмалку 700-800 илјади за изборите да бидат успешни. Има такви стравувања – во вториот круг нема да има доволен број гласови и наесен да се оди на повторни претседателски избори и, најверојатно, предвремени парламентарни избори, за што предупреди премиерот Зоран Заев“, изјави Трајчевски, според кој таквото сценарио би било преседан и изрази надеж дека нема да се стигне дотаму.

Директорот на ААВМУ ја нагласи и поделеноста на правниците – според едни, во таков случај сегашниот претседател Ѓорге Иванов треба да остане до изборот на новиот, а според други, собранискиот спикер Талат Џафери треба да биде привремен вршител на должноста претседател.

Трајчевски се повикува на анкети според кои кандидатите на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, и на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, имаат израмнета поддршка кај избирачите. Според него, предлогот на власта за нов претседател имал мала предност по потпишувањето и ратификацијата на договорот за пристапување во НАТО, но таа се стопила поради корупциските скандали и случаите на непотизам последниве денови.