Државните болници кои немаат доволно лекари и работат со намален капацитет или ќе се затворат или ќе се дадат на приватни инвеститори, најавува министерот за здравство Венко Филипче кој како пример ја посочува кочанската болница, каде има само 1% искористеност на болничките кревети, нема кадар, па пациентите постојано се препраќаат во најблиските клинички центри.
Идејата е државата да не менаџира со зградите, а Фондот за здравствено осигурување само да купува услуги.
„Нема потреба во еден град да седи празна и неискористена болница како што е сега тоа во овој момент (…) Ние во таа насока ќе ги отвориме вратите за потенцијални привани инвестиртори, се надевам ќе покажат интерес како што има примери во другите држави’, вели Филипче.
Здравствените власти уверуваат дека Јавното приватно партнерство нема да значи дека пациентите ќе плакаат поскапи услуги или пак дека здравствени работници ќе останат без работа.
Вработените на Клинички и синдикатот не го прифаќаат концептот за јавно приватно партнерство. За нив тоа ќе значи уништување на државното здравство.
Останува неизвесно што би значел концептот на јавно – приватно партнерство за пациентите, особено за оние од внтрешноста и за итните слулчаи. Цели градови и региони би останале без одредени специјалности што сериозно ќе влијае на квалитетот на здравствените услуги на локално ниво.
Според премиерот Зоран Заев пак, на овој начин власта правела храбри и авангардни чекори за подобрување на здравството. За разлика од лекарите, премиерот Заев вели дека мора да има конкуренција помеѓу приватното и јавното здравство.
„Тој што ќе понуди најквалитетни услуги за пациентот, таму Фондот мора да плати“, порача денеска премиерот од Охрид.





