Во учебниците треба да се избегнува анимозитет, за новите генерации да се образуваат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка, вели амбасадорот Виктор Габер кој го предводи македонскиот тим по дводневната, втора средба, на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, образовни и археолошки прашања на Северна Македонија и на Грција.



На средбата што се одржа викендов во Скопје разгледани биле учебниците по историја и географија за основно и средно образование.

Целта на комисиите ќе биде да се исчистат учебниците од проблематични формулации и секаков вид иредентизам, за да не пречат на добрососедските односи меѓу двете земји. 

Габер вели дека во учебниците ќе треба да се избегнува она што претставува анимозитет, непријатност. Односно, ако имате еден настан кој бил „немил“ за едната страна, да не биде веќе така третиран. Но, според него, тоа ќе биде тема за следната фаза, која почнува идниот месец во Атина.

„Станува збор за огромен материјал, затоа на два пати беа одложени состаноците на барање на грчката страна“ вели Габер,

Како што рече, на наредната средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет закажана за 12 и 13 април во Атина ќе се работи на конкретни прашања.

„Многу периоди не поврзуваат со грчката страна. Ние сме соседи, сме биле можеби 400-500 години во една државна структура каде имало мешање од секаков вид – економски, културно, социјално. Словенската маса кога дошла овде се населила на територија на некогашното Источно римско царство, според тоа ние сме живееле со тие луѓе. Дали народите се поместувале лево или десно заради историски те околности тоа е сосема друга работа, но ние сме живееле сите заедно во разни културни и социјални средини“, одговори амбасадорот Габер на новинарско прашање.

Експертите при пишувањето на идните учебници ќе се водат од принципите на УНЕСКО и Советот на Европа, како и од Договорот од Преспа.