Албанија да го почитува начелото на слободно изразување на националните малцинства на пописот во 2020 година и да ги почитува правата на малцинствата, побара Советот на Европа.
На пописот идната година изјаснувањето за националната и верската припадност да биде задолжително, бараат од Советот, бидејќи претходниот што беше спроведен од 1 до 31 октомври 2011, не беше признат од националните малцинства.
Тие со заедничка декларација ги информираа албанските власти и меѓународниот фактор дека ќе ја бојкотираат статистичката операција, бидејќи Владата не прифати ниту едно нивно барање.
Малцинствата не беа вклучени во ниту една фаза на подготовката на пописот, немаа свои претставници во комисиите од централно до регионално ниво, немаа свои попишувачи, формуларите за попишување не беа на јазикот на малцинствата, а не беше направено ништо за информирање на граѓаните и на претставниците на малцинствата во врска со пописот.
Од властите во Тирана, Советот бара подобрување на условите за живот на националните малцинства, особено во однос на пристапот до вработување, образование и здравство и нивна целосна интеграција.
Лидерот на Партијата за заштита на човековите права (ПБДНЈ), партија на грчкото малцинство во Албанија, Вангел Дуле изјави дека во Албанија не се почитуваат правата на етничките малцинства.
„Извештајот дава жална оценка на реалноста дека во нашата земја не се почитуваат правата на малцинствата. Се обраќам на политичката класа дека на Албанија и е потребен искрен дијалог за подобрување на правната рамка за малцинствата. Да се активираат сите инструменти кои ќе го овозможат овој дијалог“, порача Дуле.
Извор: Макпрес




