Потребно е целосно почитување на меѓународното право и правилна имплементација на Договорот од Преспа, во спротивно Северна Македонија ќе биде блокирана на нејзиниот европски пат, вели грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во честитката до Грците од дијаспората по повод националниот празник 25 март, јави дописничката на МИА од Атина.
„Што се однесува на Република Северна Македонија, ние ја поддржуваме нејзината европска перспектива. Но, предуслов за оваа перспектива, од нејзина страна е целосно и искрено почитување на европското законодавство, со тоа и меѓународното право во целост, а пред сè Договорот од Преспа, што мора да се толкува и да се имплементира, според неговата содржина и духот, на начин што не остава ниту трага од иредентизам. Според тоа, секоја спротивна тактика, се подразбира, дека ќе го блокира европскиот интегративен напредок на Република Северна Македонија, пишува Павлопулос во честитката, пренесе МИА.




