Општина Сарај нема да ги легализира дивите платформи на Матка, ама нема ни ги урива бидејќи имаат барање за легализација, вели градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети.
На денешната прес конференција тој рече дека проблемот со трите бесправни платформи е стар.
„Не сум склон на легализација бидејќи мислам дека не ги исполнуваат условите за легализација, но сепак мора да ја зачуваме постапката”, рече Беџети кој вели дека ќе ги почитува процедурите бидејќи не сака некој од подносителите да ја тужи општината.
Барањата за легализација биле испратени минатата година, а градоначалникот вели дека се уште не ги одбиле бидејќи законот не ги брза со рокови.
Беџети ги соопшти барателите на легализација за трите платформи. За платформата на ресторанот легализација побарале Федерација за планински спортови, за онаа каде се изнајмуваат кајаци вели дека има и тврда градба и барање поднел Амед Саиди. За третата која се изгради пред очите на јавноста додека институциите си префлаа одговорност, градоначалникот рече дека легализација барал извесен Исмаил Саиди.
Градот Скопје ја повика Општината Сарај да постапи согласно со своите законски надлежности кога се во прашање дивоградбите.
Според Беџети проблемот со платформата некој го создал а прстот го впери во колегата Петре Шилегов кој сакал да му ги одземе на сила ингеренциите за Матка.





