„Можеби не е погрешно ако констатираме дека градежната мафија ги има во свои раце сите институции“, реагираше граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“ на вчерашната одлука на Уставниот суд привремено да го укине мораториумот за забрана за градење што го донесе општина Центар.
Сега општинските органи ќе мора да издаваат дозволи за градба според постоечкиот урбанистички план, додека Уставен ќе одлучува за тоа дали досегашната одлука на општината била уставна или не.
Уставниот суд ја донесе одлуката по иницијатива на Стопанската комора на Македонија и на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Градежните комори подолго време на јавни настани истакнуваа дека мораториумот во Центар му носи голема штета на градежниот бизнис.
Тоа значи дека после оваа одлука на Устваниот суд, пишува МКД, ќе може да почне да се гради објектот на паркингот наспроти „Холидеј ин“, објекти во Дебар маало и Маџир маало за кои сите анализи покажаа дека со сегашниот ДУП голем дел од жителите воопшто нема да добиваат дневна светлина. Во урбанистичкиот план запишан е и облакодер од 26 ката кај Европски универзитет, хотел од девет ката на зеленилото пред Олимписки базен, нови згради на Водно, во Капиштец, Буњаковец, Крњево…
Невладината „О2“ побара од Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија да го испитаат работењето на уставните судии и во чии интереси евентуално го прават тоа.





