Бучковски бара да престане ловот на вештерки во Македонија

Поранешниот премиер Владо Бучковски вели дека е „удбашко сталинистичка манипулација од кујната на поранешниот разузнавач“ Богоески неофицијалниот документ што според обвинител на СЈО потврдува дека тој, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот министер од редовите на ДУИ, Муса Џафери зеле 7,5 милиони евра за да го одложат воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија.



„Денеска, според мене, паднаа маските. Документот што го покажала обвинителката Стефанова јас го имав во свои раце кога сведочев пред Комисијата од хартии во вредност во Вашингтон во февруари 2014 година. Документ искуцан на бел лист хартија без потписи и иницијали. Тоа е удбашко сталинистичка манипулација. Жалам што СЈО се користи со такви методи. Митаџии нема“, тврди Бучковски за весникот „Независен“.

Поранешниот премиер го чека сведочењето на Слободан Богоески и најавува кривична пријава против него за давање лажен исказ.

Тој вели дека овој случај нема никаква допирна точка со прислушуваните разговори.

„Ова се користи наменски во пресрет на решавањето на финалниот статус на СЈО. Јас сум непријатно изненаден од непрофесионалноста на обвинителката. Нејзиното однесување е скандалозно“-вели Бучковски.

Извор „Независен“