Домашен притвор за Стевчо Јакимовски

Мерка куќен притвор му одреди вечерва Судот на поранешниот градоначалник на општина Карпош и актуелен претседател на опозициската партија ГРОМ.



Стевчо Јакимовски, кој беше приведен утринава и изведен пред судија на претходна постапка е осомничен дека со злоупотреба на службена должност го оштетил буџетот на општината за речиси милион евра.

Со високо подигнати два прсти во знак победа, Јакимовски од Кривичниот суд Скопје 1 кратко порача дека не му се плаши никому.

Јакимовски и осуммина други, меѓу кои и бизнисмени, заработија кривична пријава од одделот за организиран криминал на Министерството за внатрешни работи.

Поранешниот градоначалник на општина Карпош се сомничи дека,
со легализирање на времени бараки кои требало да се урнат, го оштетил буџетот затоа што овозможил фирма преку легализацијата да купи државно земјиште за 11 илјади евра и потоа да го препродаде за 600 илјади евра.