На истакнати научни работници лингвисти и македонисти денеска им беше доделен Медал за заслуги за Македонија од претседателот Ѓорѓе Иванов.
„Овие медали за заслуги за Македонија се израз на нашата благодарност кон Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина, за сето она што го направија за македонскиот јазик. Како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани и македонскиот народ, најискрено ви благодарам. Чувањето и творењето на македонски јазик е обврска кон минатото и влог во иднината. Чувари на тој јазик и тоа наследство се сите слависти и македонисти“, рече претседателот Иванов на церемонијата на доделување на медалите, пренесува „Макфакс“.
Коста Пеев е пензиониран професор по Дијалектологија на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет, Стојан Лекоски е книжевен преведувач и библиограф, кој живее во Словачка, а Олга Панкина е македонистка и преведувачка од Русија.





