Реакции во грчкиот печат предизвика „предлогот“ за наводна можна размена на познатата скулптура „Dromeas“ (Тркачот) во центарот на Атина, со статуата на централниот плоштад во Скопје, пишува In.gr..
Според весникот Македонија, министерката за култура Мирсини Зорба, наводно сугерирала славната скулптура која се наоѓа пред хотелот „Хилтон“ во Атина, да се пренесе на централниот плоштад во Скопје, а на тоа место во Атина да се постави скопскиот „Воин на коњ“.
Авторот на скулптурата, Костас Вароцос, ја потврдил веста и за предлогот изјавил: „Што имав да кажам, го кажав лично на министерката“.
Министерката Зорба ја дала идејата во контекст на Преспанскиот договор, а средбата со меѓународно признатиот скулптор се случила пред неколку дена.
In.gr потсетува дека не може да има било каква размена без одобрение на уметникот.





