Партијата „Виножито’ околу која гравитира македонското малцинство во Грција испрати писмо до Вселенскиот патријарх Вартоломеј со кое бара воведување на богослужба на македонски јазик во црквите каде живеат македонски православни христијани во Грција.



„Посакуваме да може литургијата да се изведува и на македонски јазик во регионите на Грција каде што живеат македонските православни христијани, граѓани на Грција“, се вели во писмото.

„Сакаме нашите луѓе да можат да пеат и да слушаат молитви на нашиот мајчин современ македонски јазик и да ги крштаваат нашите деца со нашите традиционални имиња – Зора, Софка, Стојанка, Борис, Златан, Дора, Стојко, Томе, Борка, Гоце, Велика, Кирил, Славе, Трајко, Стојан, Петко, Цвета, Трајчо, Трајанка, Ристо, Петко…“, се вели во писмото до цариградскиот патријарх.

Според Павле Воскопулос од „Виножито“, договорот од Преспа го поставува појасно признавањето и почитувањето на јазичното прашање од грчката страна.

„Кога станува збор за еден таков договор што има одредена тежина и кога Грција јасно признава и почитува македонски јазик, како што е во овој Договор, ни се дава простор поагресивно и попозитивно да делуваме со нашите активности, наметнување на македонскиот јазик, од една страна, и од друга страна, сметаме дека почитувањето на македонскиот јазик ќе биде позитивно и за самата Грција, како чекор кон проширување на демократијата“, вели Павле Воскопулос.

Од „Виножито“ упатиле барање за работна средба со министерот за образование на Грција, за воведување на изучување на современиот македонски јазик во јавното образование во областите каде тој се зборува.

Барање било испратѕено и до Универзтетот во Солун за отворање катедра за македонски јазик.