„Македонија вечна“ испровоцира грчка реакција на саемот за туризам во Берлин

Слоганот „Македонија вечна“, со кој државава се промовира на Меѓународна туристичка берза (ИТБ) во Берлин, попладнево е заменет со натписот „Агенција за промоција и поддршка на туризмот – Република Северна Македонија“, пишува „Дојче веле“ на грчки јазик.



Ова е епилогот од бурата на социјалните мрежи во Грција што ја предизвика објавената фотографија од македонскиот штанд. По сугестија од грчката министерка за туризам Елена Кунтура, присутна на саемот, амбасадорот Теодорос Даскаролис го посетил штандот на северниот сосед и на неговиот раководител му предочил дека натписите „Македонија“, „Македонија вашата следна дестинација“ и „Македонија вечна“ не се во согласност со Преспански договор. Одговорното лице ветило дека ќе ги промени.

Претходно, пак, за „Дојче веле“ од македонскиот штанд рекле дека немале доволно време за големи промени во пропагандниот материјал, но и оти договорот со Грција дава рок од пет години за спроведување на потребните приспособувања.

За разлика од рекламниот материјал, во кој доминира „Македонија“, логото на македонскиот штанд и во официјалниот список на изложувачи на саемот го содржат новото државно име.