Италија е неприкосновена меѓу членките на Европска унија според државјанствата издадени на македонски граѓани во 2017 година, покажуваат податоците на Евростат.
Од вкупно 6.372 пасоши на земји од ЕУ колку што извадиле државјаните на Македонија предминатата година, дури 3.845 или 60 проценти отпаѓаат на Италија!
Втора е Германија со издадени 990 државјанства на граѓани на Македонија пред две години, трета Австрија со 296, четврта Шведска со 292, а петта Белгија со 223. Следуваат: Словенија со 208, Данска со 101, Бугарија со 73, Холандија со 67, Хрватска со 65, Франција со 56, Велика Британија со 47, Луксембург со 30, Чешка со 27, Грција со 16, Финска со 13, Словачка со 10, Шпанија со 4, Ирска со 3, Кипар и Полска со по 2 и Унгарија и Малта со по 1.
Португалија, Литванија, Летонија и Естонија не издале ниту едно државјанство на македонски граѓани во 2017 година, а за Романија нема податоци.
Доделените 6.372 државјанства на Македонци од членки на Унијата предминатата година, сепак, се капка в море во однос на вкупно 672.768 на државјани на земји надвор од ЕУ. Мароко е лидер со 67.852, Албанија втора со 58.860, а Индија трета со 31.622.





