Силјановска: Да не се залажуваме, сменетото име не е доволно за ЕУ

Кандидатката за претседател на Македонииа Гордана Силјановска Давкова во текст со наслов “За членството во ЕУ” го коментира процесот на евроинтеграција и најавите дека Македонија ќе започне преговоро за членство.



“Посетата на француската министерка за европски прашања донесе една многу јасна и недвосмислена порака и за Владата и за граѓаните: нема датум за почеток на преговори за членство во ЕУ на јунскиот самит! Нема датум за преговори сè додека не спроведете суштински реформи во четирите клучни области кои ви ги посочивме во јуни минатата година (борба против корупција, реформа на јавната администрација, во судството и во безбедносните служби).

Да не се залажуваме, Преспанскиот договор во никој случај не е доволен за ЕУ да ни даде бланко чек да започнеме преговори, без притоа да ги исполниме суштинските критериуми поврзани со владеењето на правото. ЕУ и земјите членки, како и ние овде, точно препознаваат обид за пазарење од страна на Владата: Преспански договор во замена за датум за преговори, а со цел Владата да си ја обезбеди надворешната поддршка, додека внатре продолжува да си функционира во нејзината „зона на удобност“. Тоа е зоната на роднински вработувања, местени тендери, купени медиуми, државни награди за партиски заслуги и слично.

ЕУ и земјите членки препознаваат и класична импровизација во т.н. планови 3-6-9 или 18. Тие никогаш и не беа нешто повеќе од пи-ар флоскули на Владата, со кои се прикрива недостатокот на конкретни резултати. Затоа, да не релативизираме, да не подлегнуваме на манипулации! Изминаа речиси две години од смената на власта и три години од првата Пржинска, широка влада. Толку многу изгубено време што можеше да се искористи за да се направи нешто конкретно, и за денес никој да не може да ни го оспори правото на чекорење кон полноправно членство во ЕУ.

Веќе не е ни доволно власта да усвои некаква стратегија или да донесе закон. Потребно е да се покаже дека сте ги имплементирале оние кои досега се донесени, дека сте донесле некакво подобрување во животот на граѓаните. Европската комисија години наназад го тврди токму тоа, дека законите што ги имаме се добри, но не се спроведуваат во праксата. Треба да се покаже вистинска политичка волја, но и политички и друг капацитет, и да се засукаат ракавите.

Но, оваа влада не го прави ни едното, ни другото. Затоа ве повикувам сите заедно да побараме одговорност. Да покажеме дека сме ја препознале нивната игра и дека нема да им помине. Да им покажеме дека сакаме држава без корупција, администрација без партизација, судство без притисоци. Единствено вашата масовна излезност на изборите, и гласот даден за право и правда може да покаже дека сакате промена”, пишува Силјановска повикувајќи на:
Право и правда за секој граѓанин на Македонија, право и правда за Македонија!