Возачот на автобусот кој пред две недели се преврте на патот Скопје-Тетово, добива закани по неговиот живот, а МВР презема мерки за негова заштита, изјави денеска министерот Оливер Спасовски.
Тој очекува Јавното обвинителство за многу кратко време да ја каже конкретна причина за несреќата која се случи во близина на селото Лескарци во која загинаа 14 лица, а 37 беа повредени.
„Уште работиме во однос на случајот по наредбите што ги добиваме од Јавното обвинителство. Многу материјали се прибрани, вештачењата се при крај и очекувам дека ЈО за многу кратко време ќе излезе со конкретна причина во однос на случувања.
Точно е дека возачот има закани по неговиот живот. Има закани и заради тоа преземаме мерки за негова заштита бидејќи и тоа е дел од таа постапка. Важно е да ги заштитиме сите“, изјави Спасовски.





