Иванов го осуди и побара одговорност за насилството во затворот во Шутка

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов го осуди вчерашниот напад врз поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во затворот во Шутка и побара одговорност од надлежните институции.



„Безбедноста на сите притворени и затворени лица мора да биде загарантирана од затворската управа, за ваквите и слични случаи, не може и не смее да има никакво оправдување.

Во казнено поправните установи во Република Македонија мора да се заштити психофизичкиот и моралниот интегритет на лицата, да се почитува нивната личност и достоинство, како и нивното право на лична сигурност.

Согласно чл. 10 од Уставот на Република Македонија, ‘животот на човекот е неприкосновен’, а согласно чл. 11 ‘физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување’.

Согласно Законот на кривична постапка, чл. 176 ст. 1, при издржување на притворот не смее да се навредува личноста и достоинството на обвинетиот’.

Во изминатиов период до Комисијата за помилување, како и до Одделението за постапување по претставки и предлози во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, беа доставени писма од граѓани кои изразуваа загриженост за безбедноста во затворите во Република Македонија. Затоа, очекуваме што побрзо расчистување на овој, како и на сите досегашни случаи, познати или непознати за јавноста. Бараме одговорност од сите надлежни институции“, се вели во соопштението.