Италијанскиот весник „Газета дело спорт“ во денешниот број пишува за плановите на најдобриот македонски фудбалер и играч на Џенова, Горан Пандев.
„Би сакал да играм уште една сезона, тука или на друго место“, вели 35-годишниот напаѓач, кој веќе 17 години настапува во Италија. „Секој ден постојано сакам да победувам, без разлика дали на тренинг-натпревар или во првенствен меч со Јувентус, знаејќи колку се силни ‘бјанконерите’. Затоа што, ако не е така, ако ми пречи да седам на клупата на 35 години, подобро да престанам со фудбалот“.

Откако ја опиша својата фудбалска филозофија, струмичанецот ги дефинира целите до завршувањето на кариерата: прво, опстанок со Џенова, второ, да игра уште една сезона, „ако може во црвено-синиот дрес, ако не, на друго место, ќе видиме летоска“ и трето и последно – победа со Македонија против Косово и потоа прв настап на Европско првенство со репрезентацијата следната година.
„Таму“, пишува еден од најтиражните спортски весници во Европа, „почнува вториот професионален живот на Горан: да стане претседател на Фудбалска федерација на Македонија, на испразнетото место за кое во суштина тој е единствениот вистински кандидат. Потоа ќе чека дерби меѓу својата Академија Пандев, каде што игра неговиот брат, во Македонија (клубот што го основал за да отстрани стотици деца од улицата) и Џенова на Прандели, ако повторно излезе во Европа. Во тој случај, за него, кој се заколна на вечна љубов кон Џенова, ќе биде тешко да реши за кого ќе навива“.





