Предводничката на жените во Европска народна партија (ЕПП), Дорис Пак, ги осудува идеите за размена на територии на Балканот, бидејќи „цел веднаш ќе биде БиХ, а верувам и Македонија“.
„Регионот на Западен Балкан се наоѓа во многу, многу опасна ситуација. Најавите за можен договор за поделба на Косово, за размена на население и на територии со Србија создаваат многу опасен преседан и се закануваат да нè вратат во 90-тите години на минатиот век. Никако не разбирам дека Европска комисија на ова не се противи решително. Сите знаеме што ќе се случи ако овој модел се оствари. Затоа, сметам дека е исклучително неодговорно што нема таква реакција од Брисел“, изјави германската европратеничка од 1989 до 2014 година за босанскиот весник „Аваз“.
„Со регионот се занимавам од 1989 година и знам што значи ова. Ако биде реализиран договор за нови граници на Балканот, цел веднаш ќе биде Босна и Херцеговина, верувам и Македонија… И никој не знае каде би запрело ова, но сите знаат како ова би се реализирало“, додава таа.
Членката на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) порачува и дека сите што се плашат од „Голема Албанија“ мора да бидат против овие идеи, бидејќи тие водат кон тоа.
„Не може да се направи ‘Голема Србија’, а да немате и ‘Голема Албанија’. Интерес на сите во регионот, но и на ЕУ е ваков договор да не биде реализиран. Мислам дека ние во ЕУ треба да бидеме многу внимателни и да не ги уништиме сите постигнувања што ги остваривме по налудничавата ситуација на Балканот во деведесеттите. Секако дека треба да се реши прашањето на Косово и Србија, но ова што сега го гледаме воопшто не е решение“, заклучува политичарката што пред шест дена ја поддржа претседателската кандидатура на Гордана Силјановска-Давкова преку сестринската ВМРО-ДПМНЕ.





