Германскиот правен експерт, Рајнхард Прибе денеска уште еднаш потсети дека извештаите на експертската група за Македонија не беа насочени против одредена политичка опција, а во корист на друга, туку беа фокусирани на воспоставување на владеењето на правото и судски систем, кој ќе работи во интерес на правдата.
„Работеше тим од пет експерти и се надевам дека тие извештаи помогнаа за да се разјасни ситуацијата и да се донесат правилни одлуки. Сега во фокусот на ЕУ се судските реформи, сите овие напори се насочени да и помогнат на земјата во воспоставување на владеењето на правото и особено на судство на здрави темели. Овој реформски процес најпрво е во интерес на вашата земја и не треба да се гледа како нешто што треба да ја задоволи ЕУ, рече Прибе.
Тој, денеска, на свечена академија на Универзитетот ФОН, беше промовиран за почесен професор, титула како признание за компетентност и исклучиви дострели на домашни и меѓународни личности во доменот на повеќе општествени гранки, меѓу кои и правото и политиката.





