„Економист“: Ќе се наметне ли името „Северна Македонија“?

Британскиот магазин „Економист“ по финализирањето на постапката за преименување на Република Македонија го поставува прашањето „Дали името ‘Северна Македонија’ ќе се наметне кај јавноста.



„Историјата покажува дека може да поминат години пред оваа промена да биде прифатена од јавноста“, констатира „Економист“ во почетокот од написот што го пренесуваме во целост:

„Што означува името? На 25 јануари, по неколку месеци преговори, пратениците во Грција гласаа за признавање на северниот сосед Македонија како ‘Северна Македонија’, што ќе стави крај на 28-годишниот спор со малата балканска држава и ќе ѝ го отвори патот за членство во НАТО и во ЕУ. Исходот беше поздравен како историско постигнување.

Но, Македонија не е единствената држава што си го смени името во последно време. Во 2016 година Чешка Република го усвои ‘Чешка’ како официјална кратка верзија на своето име. Минатата година африканската држава Свазиленд е преименувана во ‘еСватини’ од својот семоќен монарх.

Земјите си го менуваат името од различни историски и културни причини. Во цлучајот со Македонија целта беше да се разрешат претензиите на противникот (Грција – н.з.) за името, кое датира од древното царство на Александар Велики. Кај еСватини целта беше да го надмине своето колонијално минато и да си го потврди африканскиот идентитет. До неодамна таа беше една од малкуте африкански држави што си го зачува името користено од нејзините европски колонизатори по стекнувањето на независноста. Целта на Чешка беше многу попрактична. Земјата се надева дека пократкото име ќе биде попогодно за неформална употреба, исто како што ‘Словачка’ се користи за Словачка Република

За жал, вкоренувањето на новите имиња на земји може да биде бавно. Гледајќи назад кон некои од најзначајните промени во 20. век со Google Ngram Viewer, база на податоци со над пет милиони дијаграми, станува јасно дека можат да поминат години пред новото име широко да се распространи. Откако бившата британска колонија Цејлон стана Шри Ланка во 1972 година помина речиси деценија пред новото име да добие повеќе референции во литературата од својот претходник. Името Зимбабве ја замени Родезија за двојно покусо време. Кога владеачката воена хунта на Бурма го промени името на земјата во Мјанмар во 1989 година некои странски влади не сакаат да ја признаат промената, бидејќи тоа би можело да се сфати како признавање на легитимноста на режимот. До 2008 година Бурма во англиските книги сè уште се споменуваше почесто од Мјанмар.

Останува да се види дали ‘Северна Македонија’ ќе ја придобие јавноста. Името сè уште не е претставено во базата на податоци на географските имиња на Организација на обединети нации, а Google Maps сè уште ја означува земјата како ‘Македонија (Бивша Југословенска Република Македонија)’. Промените бараат време. Но, по неколку години спорот за името на империјата некогаш раководена од Александар Велики може на крај да влезе во историјата“, заклучува влијателниот магазин од Лондон со 176-годишна традиција.