Ваjгл: Отворањето преговори со ЕУ зависи од реформите

„…Сега треба да се докаже дека реформската агенда не е само политичка празна фраза. Треба да се стои до обврските што македонската влада ги прифатила. А тие се јасно зацртани во документите на Комисијата, извештајот на Прибе а и во самиот Пржински договор. Сега треба да се надокнади она што беше пропуштено за време на кризата и некои други работи што ги окупираа и јавноста и политичарите“, вели во интервјуто за „Нова ТВ“ Иво Вајгл, известувач на Европскиот парламент за Македонија.



Вајгл верува „дека тој возен ред на реформи, на некој начин се остварува“.

Запрашан како тие реформи би се оствариле до крај со оглед на критичниот став на опозицијата кон Преспанскиот договор Вајгл вели дека добил уверување од Христијан Мискоски дека опозицијата ќе соработува.

„Нема две варијанти за европска иднина на земјата. Постои само една а таа зацртана со реформите. Секогаш постои простор за внатрешно договарање кај политичките партии. Но јас сериозно го сфаќам она што го чув од водачот на опозицијата и немам причина да не верувам дека Владата е свесна, сега кога е направен овој голем чекор, дека треба со сета сила да се влезе во реформи. Од економските реформи до правосудството…“

Запрашан дали ЕУ би дала позитивен одговор ако сега би требало да се отворат преговорите, Вајгл вели:

„Уверен сум дека, ако сега се отвораа преговорите, одговорот на некои земји би бил негативен. Треба уште многу да се направи во следните месеци за да се дадат резултати од реформите. Сега е време за сериозна работа“.