Рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Баздникин, во интервју за руската новинска агенција ТАСС го повтори ставот на неговата земја дека пристапувањето на Македонија во НАТО нема да донесе ништо добро ни за земјата, ни за регионот.
„Позицијата на Русија за проширувањето на НАТО, вклучувајќи го и Балканот, е добро позната. И покрај сите наводи дека овој процес не е насочен против нашата земја, реалните дела укажуваат на спротивното: воената инфраструктура на Алијансата, која официјално ја гледа Русија како нејзин главен противник, се доближува до нашите граници. Заедно со милитантната и сè поагресивна реторика на јастребите на НАТО, се разбира, тоа не ветува ништо добро.
Македонското раководство повеќе пати, вклучително и јавно, нè уверуваше дека аспирацијата на Скопје кон НАТО нема антируска конотација. И ние немаме причина да се сомневаме во искреноста на нашите македонски партнери. Проблемот е во тоа што со приклучувањето кон Алијансата тие ќе бидат принудени да донесуваат одлуки што не се сообразени со нивните национални интереси, туку со принципите на ‘атлантската солидарност’, која, всушност, не им остава слобода на дејствување“, изјави Баздникин.
Амбасадорот го искритикува начинот на склучување на Преспански договор, кој, според него, може да има долгорочни негативни последици. Не толку политичките сили, колку што народот и во Македонија, и во Грција, не го поддржуваат договореното во Нивици, нагласува тој.
„Речиси две третини од населението го бојкотираа референдумот на 30 септември 2018 година за Преспански договор, гласајќи што се вели ‘со нозе’ против договорот наметнат однадвор. Ова покажува дека поделеноста во македонското општество се интензивираше. Се разбира, ова не може, а да нема долгорочни негативни последици во таков експлозивен регион каков што е Балканот.
Се разбира, ние во никој случај не сме заинтересирани да се дестабилизира ситуацијата – било да е тоа во Република Македонија или во балканскиот регион – без разлика колку се обидуваат да нè обвинат. Меѓутоа, неопходно е да се знае дека Преспански договор е склучен со сериозно кршење на нормите на домашното и на меѓународното право, со други зборови, надвор од областа на правото. Тоа тешко може да биде алатка за постигнување фер, одржливо и долгорочно решение за проблемот со државното име на Македонија. Напротив, како што постојано истакнува претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, наместо да се реши еден стар проблем, Преспански договор може да создаде многу нови“, објаснува Баздникин.
На прашањето „дали Москва има намера да го покрене прашањето за преименувањето на Македонија во Совет за безбедност на Обединети нации“, шефот на руското дипломатско претставништво во Скопје со одговор: „Поаѓаме од фактот дека Резолуцијата 845 (од 1993 година) на Советот за безбедност на ОН директно му наредува на генералниот секретар на ОН да го извести Советот за напредокот во решавањето на прашањето за државното име на Македонија. Се разбира, оваа препорака мора да се исполни – одлуките на Советот за безбедност на ОН, како што е познато, се обврзувачки за сите. Кога тоа ќе се случи, зависи од многу фактори, вклучувајќи ги и техничките и организациските“.
Баздникин откри и каде се наоѓал за време на гласањето во Собрание за потребата од отворање на Уставот за амандмански интервенции во согласност со Преспански договор како одговор на констатацијата на новинарот дека „беше јавено оти тогаш во зградата се наоѓал американскиот амбасадор во Скопје“.
„Тука нема тајна. Бев во мојата канцеларија и заедно со мојот персонал внимателно ги следев настаните на Македонска телевизија, која периодично се вклучуваше во живо, како и на социјалните мрежи. И она што се случи тогаш во Собранието на Република Македонија е навистина без преседан. Методите со кои се собра потребното квалификувано мнозинство (директна уцена, закани и поткуп на пратеници) уште еднаш покажуваат колку навредливо и цинично се однесува во пракса Вашингтон кон тие ‘демократски вредности’, за кои не се стеснува да труби низ целиот свет“, вели Баздникин.





