Поранешниот македонски министер за надворешни работи Антонио Милошоски му реплицира на претседателот на Европски совет, Доналд Туск, за пораката на Твитер за средбата со романската премиерка Виорика Данчила.
„Средба со премиерката Данчила во врска со претседавањето на Романија со Совет на Европска унија, самитот во Сибиу и владеењето на правото. Можеби сум старомоден, но и понатаму верувам дека на судиите е, а не на политичарите, да одлучат кој е виновен, а кој невин“, твитна Туск.
„Не сте старомоден, господине Туск, само со двоен аршин. Бидејќи кога премиерот Зоран Заев го донесе селективниот закон за амнестија со цел да ‘убеди’ уште осум пратеници за промена на Уставот на Македонија, верувавте дека е на политичарите, а не на судиите да одлучат кој е виновен, а кој невин“, му одговори пратеникот Милошоски на Полјакот на чело на колективното тело на ЕУ што го сочинуваат шефовите на држави или влади на земјите-членки, како и претседателите на Европска комисија и на Европски совет.




