Јавното обвинителство ќе побара Собранието да ги протолкува одредбите во Законот за СЈО кои се однесуваат на рокот за истраги и поднесување обвиненија. Ова денес го соопшти јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески по колегиумот одржан во врска со одлуката на Врховниот суд дека СЈО не може да поднесува обвиненија по рокот од 18 месеци откако се преземени прислушуваните материјали..
„Јавното обвинителство ќе ги преземе за понатамошна постапка предметите за кои СЈО ќе се огласи за ненадлежно. Јавниот обвинител во постапките по преземените предмети, како законити ќе ги користи доказите и прибавените материјали, како докази прибавени на легален начин и во законита постапка“, рече Јовески, според кого Врховниот суд излегол надвор од своите законски овластувања давајќи правно мислење дека СЈО повеќе не е овластено да отвора нови истраги и да покренува обвиненија.





