За честитките од верските поглавари до премиерот Зоран Заев на приемот во Влада синоќа за потпишаниот Протокол за членство на Македонија во НАТО реагира протоереј Љупче Петрески од Прилеп.



Владата соопшти дека „поглаварите и претставници на верски заедници упатија честитки до премиерот Заев за денешниот настан во Брисел, каде е потпишан Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО. Заеднички е изразена верба дека тоа носи траен мир за Република Македонија, партиципација за мир во светот, но ќе донесе и целосно помирување дома, помеѓу сите граѓани кои живеат во нашата земја“, а протоереј Петрески реплицира на Фејсбук.

„ХРИСТОС, АЛАХ И НАТО
Верските лидери во Македонија му честитаа на премиерот за влегувањето на нашата мирољубива држава во НАТО, бруталниот воен сојуз, кој стана најперфидното оружје за угнетување во човечката историја. 
Јас сум збунет! Тотално. Се прашувам како можат верски лидери на народ кој е мек, толерантен, мирољубив, народ кој сè уште има совест, нешто што го нема на Запад, народ кој е полн со љубов кон пријателите, но и кон непријателите, да се радуваат и да честитаат што овој народ е насила и против своја волја втурнат во сојуз кој повеќе предизвикува војни отколку мир. Претставниците на Христос и на Алах, кои проповедале мир и љубов, му честитаат на премиерот затоа што нашиот народ во иднина ќе учествува во валкани војни, во убивања, бомбардирања… Колку што ми е познато, Христос проповедал ненасилие и човекољубие. Православието оправдува војна само во одбрана на татковината и тука нема грев и зло, секако, ако се почитува христијанскиот воен етос, како што вели апостол Павле: ‘Ако некој се бори, нема да добие венец ако не се бори според правилата’ (2. Тим. 2,5).

Денес и птиците знаат дека воениот сојуз НАТО е закана на глобално ниво. НАТО, моментално, води неколку хибридни војни против Русија, Кина, С. Кореја, Венецуела, Иран, Сирија, Ирак, Авганистан и во поголемиот дел од Африка. Директно се виновни за распадот на СССР, Југославија, Либија, Сирија, Авганистан и низа други држави во Ј. Америка, Африка и Азија.
Јасно е како ден дека, овие неофеудлни владетели ветуваат ‘заштита’ за сметка на покорноста, националното ропство и потполното предавање на народот и на природните ресурси. Оваа воена машинерија е продолжена рака не само на САД и нивните сојузници, ами и на капиталистите кои се подготвени да ја нападнат која било држава што стои на нивниот пат до профит. Феудалната митологија која ни ја продаваат, дека светот е опасно место за живеење, а тие се единствените заштитници, е од поодамна прочитана. 

Па, затоа, прашувам: Почитувани верски лидери, ова ли го поддржувате?“, напиша свештеното лице на својот профил на Фејсбук.