Новинарот Бранко Героски со својата колумна за „Плусинфо“ насловена „Амди Бајрам ќе биде подобар претседателски кандидат од Гордана Силјановска“ ја испровоцира на реакција професорката Билјана Ванковска.
„Професорката Силјановска претендира да биде шеф на држава чие (ново) име не го признава. Како ќе се заколне? Како ќе рече дека ќе го брани Уставот што де факто не го признава, почнувајќи од насловот? Партијата што ја кандидира не го признава новото име на нашата земја. Како таа утре би ја претставувала Република Северна Македонија? Како би била врховен командант на армијата на земја членка на НАТО, кога таа НАТО не може да го смисли? Не разбирам како воопшто би одела на работа, кога се знае дека пред нејзината резиденција ќе стои табла со новото име на нашата држава, а згора на тоа таблата ќе биде и – двојазична?!“, прашува Героски и заклучува: „Но, велам, нема простор за грижа. Чудо нема да се случи. СДСМ против Силјановска, дури и со кандидат ‘пепељара’, ќе оствари голема изборна победа“.
На омаловажувањето на потенцијалниот претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ со самата споредба со „еден тип со нула капацитет да претставува било кого и било што во политиката, освен својата алчност за малку власт и привилегии“ Ванковска одреагира на својот профил на Фејсбук.
„Видете ја авторитарната логика на Героски само во овој став: ‘Секој има право на личен став, а луѓето од нашата академска заедница имаат дури и морална обврска да се изјаснуваат за клучните политички прашања. Кога не се согласуваме со нивните ставови, наша обврска е кон нив да градиме Волтеровски однос – да создадеме можност тие погледи да допрат до јавноста’.
Прво, академската заедница нема само морална, туку и професионална обврска да се изјаснува за сето она што во политиката се одвива спротивно на (во случајов) уставните, правните и демократските принципи, односно темелните вредности на уставниот предок.
Второ, кога компетентен член на академската заедница зборува за противправност на некоја постапка, за манипулација со референдум и двојазичност, на пример, тоа не е личен СТАВ, туку ПРОФЕСОРСКА проценка.
Трето, замислете да не беше Геровски таков Волтаријанец (т.е. да беше против искажување ставови и проценки кои не му одговараат немау и на власта)! Тој имплицитно покажува дека власта нема да ја спречува слободата на мисла и говор, и да ги затвора сите оние кои не мислат како неа, затоа што се ‘волтеријанци’. Вие зборувајте си, ама ние ќе си тераме по свое, и воопшто не ни е гајле што мисли професор по уставно право (освен ако не е Шкариќ). Демек, сака да каже, новинарите имаат обврска да создадат можност овие неподобни гласови да допрат до јавноста – ама притоа, ќе ги наклеветаме и сведеме на Амди Бајрам, па вие видете си…
Четврто, ова е директно вршење притисок врз професорката Силјановска да се откаже, но поентата е дека овие изгубиле и компас и осет за пристојност. Инаку, вчера разочарани од власта која ќе победела со пепељара (откако ја иснталираа со помош на овој што не знае ни Кирил и Методиј кои биле), мнозина велеа дека на овој циркус Медрано веројатно не му доликува врвен професор како шеф на државата. До толку нè убија во поим со само две години владеење. Но, јас пак ќе повторам: ќе мора да дојдеме до моментот на ‘циркус одлази из вашег града’, т.е. со обнова на урнатините, а од некаде мора да се почне. Првиот чекор е раскрстување со амдиевци и пепељари…“, порача Ванковска.





