Шест независни грчки пратеници „неформално“ се приклучија на СИРИЗА со што владејачката партија на премиерот Алексис Ципрас, која има 145 пратеници, ќе има мнозинство од 151 пратеник во грчкиот парламент.



Елена Кундура, Василиос Коккалис, Катерина Папакоста и Спирос Данелис, како и пратениците на „Независни Грци“  Константинос Зурарис и Танасис Папахрстопулос, кои на 24 јануари гласаа „за“ доверба на владата на Ципрас, со писма го известија Парламентот дека сакаат нивните гласови во иднина да се бројат заедно со оние на парламентарната група на СИРИЗА.

Иако формално не се инкорпорирани  во пратеничката група на СИРИЗА, овие шестмина ги обезбедуваат  потребните 151 глас за владата (која неодамна остана без помалиот коалиционен партнер „Независни Грци“) да ја продолжи работата.

Пратеникот Зурарис, сепак напоменал дека неговата изјава го исклучува само гласањето за членство на Македонија во НАТО.