Последниот чекор кон преименувањето на македонската држава во Северна Македонија се очекува да биде направен претстојнава седмица, кога Протоколот за нејзиното членство во НАТО ќе се најде во грчкиот Парламент во вторник, а за него ќе се гласа неколку дена подоцна.
Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека за протоколот ќе се расправа на комисиско ниво во вторник и во среда, а во четврток ќе се најде на пленарна седница и истата вечер се очекува да се гласа за него.
Како и во случајот со Преспански договор, кој беше ратификуван со 153 гласа од вкупно 300, Владата во Атина очекува и овој документ да помине благодарејќи на гласовите од неколку независни и опозициски пратеници.
Вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека Алијансата ќе го потпише Протоколот за пристапувањето на својата 30. членка на 6 февруари.





