Професорот, кој како прв поддржувач на Иванов пред десет години, му препорачуваше да обезбеди и поддршка од 30 пратеници (на ВМРО-ДПМНЕ) заедно со 10.000 потписи, сега тврди дека независноста се обезбедува само со граѓански потписи. Потоа, влегува во огромна контрадикција: прво вели дека е тешко да се соберат 10.000 потписи и дека на примерот на неколку личности се гледало дека партиите го опструираат тоа, а потоа повикува на обратното. Згора, пред тоа велеше дека за да победи некој кандидат, нужно е да има партија зад себе.
Очигледна е намерата на ова интервју: Шкариќ го вадат провладиниве само кога треба да даде „научен“ легитимитет на некоја политичка одлука. Овде е викнат само за да каже дека е против предвремени парламентарни избори. И не кажа ниту збор дека овој пратенички состав е целосно делегитимиран со носењето на лош/инвалиден Закон за јазиците, со кршењето на Уставот во донесувањето на Законот за ратификација на Преспанскиот договор, со кршењето на владеењето на правото при криминалната измена на Кривичниот закон, итн. Наместо да укаже дека промените не се легитимни затоа што ниту една партија не ги најавила во својата изборна програма на чија основа добила изборен легитимитет и дека сега на избори треба да си го тестираат легитимитетот по сите овие бизарни промени, тој си продава (политички) тези.
Прашан непосредно за Гордана Силјановска која му е не само колешка, туку и коавторка и рецензент на учебниците, тој не зборува за неа, туку МОЛЧИ гласно. Не би ме чудело по извесно време да напише некое отворено писмо (налик на она до Иванов кога го напушти кабинетот и престана да биде советник) па да тврди дека тој сам ја пишувал нивната заедничка книга… Од овој човек, ама баш ништо не ме изненадува освен огромниот морален пад кој само го потврдува, одново и одново… Патем, човекот кој пишуваше книги и статии против НАТО, и така во меѓународните кругови на мировните истражувачи се легитимираше како мировник, сега е главен поборник за членството на МК во НАТО. И како вели? Епа, тогаш сум мислел така, сега се сменија околностите и имам право да го сменам и мислењето…
Толку од „бардот“ на уставното право во Македонија и мировникот, член на Галтунговиот ТРАНСЦЕНД, авторот на мировните устави итн.
Проф. Билјана Ванковска





