Портпролката на Министерствоп за надворешни работи на Руска Федерација, Марија Захарова, на денешниот брифинг со новинарите уште еднаш ја повтори заложбата на Москва за заемно прифатливо решение за името на Македонија и за Скопје, и за Атина.



„Министерството за надворешни работи на Русија не е еднаш се има изјаснето за Преспански договор, соодветните коментари можат да се најдат на веб-страницата на Министерството. Тие уште се актуелни. Како што е познато, Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име. Москва отсекогаш се залагаше и продолжува да се залага контроверзното прашање за името на оваа држава да се реши на прифатлива основа како за Скопје, така и за Атина.

Уште еднаш со жалење констатираме дека во процесот на одобрување на договорот беа направени сериозни прекршувања на домашното законодавство на една од страните и меѓународно-правните норми под силен надворешен притисок.

Веруваме дека никој не треба да се сомнева оти западните земји се водени од геополитичките интереси за скорешно вовлекување на Скопје во НАТО, а не со желба да помогнат во решавањето на овој, всушност, билатерален спор“, одговори Захарова на новинарското прашање: „Руското Министерство за надворешни работи изрази одредени сомневања за легитимноста на Преспански договор. Би сакал да го слушнам Вашиот коментар за тоа дали денес сè уште се сомневате? Ќе ја признаете ли ‘Северна Македонија’? Ќе има ли расправа во Совет за безбедност на ОН?“