Грција најверојатно ќе биде првата земја што ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО и тоа планира да го направи до 8 февруари, објави бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на упатени извори.
Портпаролот на НАТО најави дека датумот на потпишување на Протоколот ќе биде одреден „наредните денови“. Тоа практично значи дека Македонија би можела да стане 30. членка на Алијансата на нејзиниот самит во јули, под услов другите членки да ја забрзаат процедурата на ратификација, која обично трае една година.
Според изворите на „Еурактив“, официјалниот текст на Протоколот е усвоен вчера и 29. постојани претставници при НАТО чекаат на одобрување од своите земји за да го потпишат. Кога ќе биде потпишан, текстот ќе биде испратен на ратификација во парламентите на земјите-членки на воено-политичкиот сојуз.




