Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, смета дека е потребно да се прогласи за незаконита амнестијата што ја даде претседателот Ѓорѓе Иванов, бидејќи некои судски случаи можат да паднат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, пренесува порталот „Сакам да кажам“.



„Досега беше можно, но немаше мнозинство Ѓорге Иванов да одговара и политички и кривично. Со Уставот се уредени и едната и другата работа. Уште има време за тоа, дури и кога ќе му истече мандатот, бидејќи тогаш ќе отпаднат некои механизми што го штитат сега како претседател. Злоупотребата беше во тоа што тој де факто направи амнестија, а не помилувања“ вели Калајџиев.

Според него, вака дадената и повлечената амнестија остава впечаток дека се дадени арбитрарно, а во очите на Стразбур Иванов не е припадник на одредена политичка елита, туку претседател и орган на државата.

„Излегува дека тие случаи ќе паднат пред Стразбур затоа што некој орган на државата си игра со судбините на луѓето. Дал еднаш помилување, тоа е крај за судбината на тој граѓанин и утре се повлекува. Тука може утре да има проблеми и со постапките на СЈО, бидејќи кога имате помилување, правно, според ЗКП, тие предмети треба да се сопрат. А СЈО не ги сопре, очекувајќи политички притисок“, рече професор Калајџиев на дебатата во МАНУ, пренесува „Сакам да кажам“.